По повод трагичната смрт на седум млади момци од Мароко, Алжир и Египет, чии остатоци беа пронајдени на 23 октомври 2020 година во контејнер за превоз на  ѓубриво во Парагвај.

Заедно со телата на нашите браќа на крајната дестинација на пратката пристигнаа и липањето на мајките, плачот на семејството и пријателите, како и болката на различни заедници ширум светот. Пристигна целосна тишина. Гробна тишина – низ целиот отворен контејнер. Нечии соништа исчезнаа. Рацете, што принудно во одбрана на живот ја затворија вратата на контејнерот во Шид се сега целосно непрепознатливи. Месото и коските на борците за слобода на движење останаа неподвижни меѓу палетите пакувања со ѓубриво. Борбата за достоинствен живот, безбедност и слобода на секое живо суштество заврши во морничавиот талог во еден црвен товорен контејнер.

Со телата на младите мажи од Африка во Парагвај пристигна и Европа. Пристигна политичкиот и економски проект, огниште изградено врз садистичката политика на Европската унија, законите на нејзините земји-членки и субјекти. Пристигна режимот на смртта. Пристигна пресметливиот и подмолен систем за лов на човечки суштества кој одлучува чиј живот вреди да се заштити а чиј не. Тој систем делува со помош на вооружени институции за следење и контрола на сè што дише,  кои се преправаат дека се загрижени за националната безбедност на своите граѓани. Заедно со него, во црвениот контејнер на смртта пристигнаа и европски фондови, парични трансакции, буџетски инвестиции во милитаризација на границите, најновата технологија за следење, беспилотни летала, сензори, скенери, теренска опрема, бодликави жици, куршуми, пендреци и претепување. И, со нив пристигнаа бројни истакнати делегации, загрижени комисии, меѓувладини набљудувачи, меѓународни договори и конвенции за човекови права. И повторно ништо. Ова не е прва насилна смрт. Ова не е прв ваков контејнер. Возовите од Шид кон Запад одат секој ден.

Локалните бродски власти потврдија дека контејнерот испловил од Хрватска, земја-членка на Европската унија, чии власти услужно и себично го спроведуваат европскиот проект за илегализација на слободата на движење, криминализација на сиромаштијата и дехуманизација на човечката егзистенција до истребување, користејќи ги најбруталните методи. Хрватските институции и лидери, исто како и европските, иако соочени со различни сведочења на преживеаните, изјавите на сведоците, извештаите од активистички групи и меѓународни хуманитарни организации, медиумски истражувања од локални и странски новинари,  постојано одбиваат да превземат одговорност, негираат вина и го оспоруваат своето учество во оваа бруталност. Бесрамно лажат. Иако Хрватска е свесна за своето учество во злосторства против човештвото на мигрантската Балканска рута, и иако доказите се очигледни и поткрепени, во локалните медиуми речиси и да не се спомена црвениот контејнер. 

Поради сето ова не се плашиме да кажеме гласно и јасно:

Тие се виновни!

Тие  протеруваа, претепуваа, пукаа!

Тие се виновни!

Во црвениот контејнер од германската марка Hamburg Süd, сопственост на данската компанија Маерск, со телата на момчињата од Африка на Западната хемисфера пристигна и националистичкиот и империјалистичкиот ќотек. Пристигна бруталноста на хрватската полиција, со бројни прогонувани луѓе, со луѓе кои се удававија во Купа, Мрежница, Уна, Корана, Дрина, Сава и Дунав. Пристигна и младата мајка од Косово чие тело беше најдено замрзнато во снеготот кај Личко Петрово Село. Пристигнаа труповите на младите момчиња од Мароко чии тела изгореа во единицата за притвор на граничниот премин Бајаково. Пристигнаа телата на младите авганистанци кои се задушија во цистерна во Футог. Пристигна еден татко од Курдистан кого приватно обезбедување го имаше претепано до смрт во логорот Ушивак. Пристигна и еден млад човек од Мароко кој се задуши обидувајќи се да влезе во кампот Мирал за да се истушира. Пристигна и девојчето Мадина – чие име еден ден ќе стои запишано на загребскиот плоштад на Република Хрватска.

Контејнерот пристигна со жртви од удари на возови, електрични удари, одрони, падови од карпи и згради, пожари, сообраќајни несреќи. Пристигна со избрканите, исчезнатите и избришаните. Пристигна со застреланите, претепаните, ранетите, мртвите, силуваните, камшикуваните, измачуваните, хоспитализираните, оперираните, приведените, замолчените, исмеваните, изгладнетите, заплашените и понижените.

Затоа, сакаме да ви кажеме на вас, кои донесувате закони и наредби, кои поставувате затвори и концентрациони логори, кои плаќате затворски чувари и судии, кои поседувате тврдини и државни кабинети, кои им плаќате на свештеници и професори, кои обожавате пендреци и тенкови, кои плаќате полицајци и војници:

Нема да не скршите!

Заедниците и движењата во борба за пост-национално општество без граници, за свет без капитализам и патријархат, за еколошка правда и ослободување на планетата по целиот свет остануваме бестрашни во нашите напори.

До целосно ослободување,

вечна слава на паднатите другари!

Трансбалканска солидарност